Земјотреси:beta


денес вчера предтоа

Затворање

18 Август, 2009

Земјотреси беше резултатот на успешно реализираната идеја за ефективно претставување на информациите за една од можеби и најважните природни појави во Република Македонија—земјотресите. Тие се од особена важност за овој регион поради лузната која ја имаат оставено во историјата, односно во колективната свест на Македонија по Втората Светска Војна.

Самата идеја за формирање на една веб-апликација која ќе ги прикажува земјотресите во речиси реално време (околу час, час и половина од почетокот на потресот) во Република Македонија произлезе од мајско-јунските серии на земјотреси во валандовскиот регион. Слабата достапност на детални информации за овие земјотреси и нивната важност беа основниот мотив за да го создадам Земјотреси. Тргнувајќи од фактот дека не сите во Македонија се сеизмолози (ниту пак и јас) се стремев да го дизајнирам на таков начин за да биде што е можно подостапен и поразбирлив за обичниот човек.

На само неколку дена од пуштањето на Земјотреси се покажа огромната потреба од ваквите информации, бидејќи повторно се случија серија земјотреси во веќе споменатиот регион. Добрата оценка за Земјотреси од страна на некои македонски интернет портали придонесоа за огромна популарност и посетеност (563 први посети на 15 Јуни), а најдоброто од сѐ е тоа што обичниот човек беше детално информиран за сеизмолошките настани на почвата под нас. Задоволството, секако беше големо!

Нецели три месеци од официјалното пуштање, со жалење морам да соопштам дека Земјотреси повеќе не е функционален, барем не за обичниот човек. Изговорот е зависноста од Google Maps™, односно процесот познат како reverse geocoding („обратно геокодирање“) кој го нуди овој прочуен сервис. Тоа е процес на преведување на географските координати (географска широчина и географска должина) во човечки-разбирливи одредници. На пример, координатите 42° 0′ с.г.ш. и 21° 26′ и.г.д.1 всушност припаѓаат во регионот на Скопје. Зависно од резолуцијата, т.е. деталноста на „преведувањето,“ може да се каже дека тие координати се дел од територијата на Република Македонија, или општина Центар. Токму овој фактор, резолуцијата, неодамна беше речиси целосно ограничена од Google Maps™ на територија на Македонија. Обично Google Maps™ вршеше обратно геокодирање во Република Македонија со резолуција до име на населено место. Сега, резолуцијата оди само до ниво на држава, а со тоа оневозможувајќи му на Земјотреси да го дознае регионот на земјотресот. За жал, сервисот на Google™ беше единствениот кој нудеше доволно добра резолуција за обратно геокодирање на координатите, па затоа и тој беше употребен. Со измената Земјотреси е оставен на цедило.

Откако ги разгледав сите можности за решавање на овој проблем дојдов до заклучок дека зависноста од трети лица може повторно да биде кобна за функционалноста на Земјотреси. Единствено долготрајно решение би било создавање на вграден или самостален одржлив систем за обратно геокодирање. Ова, сепак е преголем залак за мене—особено сега, на почетокот од нова учебна година кога нема да можам да посветам доволно време за создавањето на ваков систем.

Поради овие причини, принуден сум да го затворам Земјотреси на неодредено време односно се додека не се изнајде/изработи решение за овој проблем. Но, Земјотреси нема целосно да биде задушен и заборавен со времето. Ќе биде надоградуван и постојано ќе ги следи и запишува земјотресите, за кога ќе се отстрани споменатиот проблем податоците од минатото да бидат повторно достапни.

~ Стојан Димитровски